23/11/2024
Охрид

Транскрипт од изјавите дадени после работната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција

Транскрипт од изјавите дадени после работната средба на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Изјава на МНР Димитров: Почитувани претставници на медиумите. Ќе бидеме кратки, имаме време само за изјави иако сте во голем број. Имаме грижа на совест, меѓутоа ќе имаме прилика и за покласична прес конференција. Во овој многу убав сетинг, со убав поглед – иако не го фаќавме езерото од собата каде што разговаравме – имавме многу отворени и искрени разговори. Разговаравме за сите прашања кои што ја составуваат разликата околу прашањето на името. За дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани. За дел се’ уште постојат разлики. Разговаравме прв пат за временската рамка и за чекорите од кои што доколку се постигне решение – како тоа ќе изгледа, како тоа ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот. Нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата којашто ова ќе го обезбеди. Додека ние разговаравме имаа средба и работните групи составени од високи дипломати коишто врз основа на напредокот што го направија на средбата во Виена пред десетина дена практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области; коишто работеа исто така на текст за спречување на иредентизмот од двете страни и коишто исто така работеа на преамбуларните параграфи од идниот билатерален договор. Ќе ги информираме за овие разговори нашите Премиери. Процесот продолжува. Има закажано во следниот период една квадрилатерална средба каде што ќе имам прилика да се видам со колегата Коѕијас, со Никос. Меѓутоа, ќе бидеме во контакт во следните денови и штом ќе имаме нешто конкретно за следниот чекор ќе ве информираме. Повели Никос.

Изјава на МНР Коѕијас: Прво би сакал да им се заблагодарам на преведувачите коишто ни го прават нашиот живот полесен на овие преговори. И да му се заблагодарам на мојот пријател Никола за извонредното гостопримство. Бидејќи секогаш кога се среќаваме дискутираме и за тешки прашања, и освен темите коишто ги решаваме постои и меѓусебно разбирање. Ќе се сретнеме во наредниот период. Сигурно е дека ќе се сретнеме на 3ти и 4ти Мај во Солун, а исто така ќе се сретнеме на 11ти и 12ти Мај и таму ќе ја дискутираме иднината на Европа. Сакам да изразам благодарност на дипломатите на двете земји. На предметот коишто го имаат преземено ние забележуваме напредок. Посебно оваа рамка на заедничка соработка, но и на тоа тешко прашање кое се однесува на иредентизам. Како што сфаќате, колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање, но се сепак најтешките. Го направивме тој чекор што можевме да го направиме денеска, позитивен чекор, и секогаш се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Секако, бевме соочени со големите и тешките проблеми. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други. Но таа е работата на дипломатијата. Ви се заблагодарувам на сите.