24/11/2024
Охрид

Трето место за ученичка од „Григор Прличев“ на седмиот меѓународен натпревар „Willkommen“

И оваа година Центарот за странски јазици „Willkommen“ од Краљево а во соработка и поттпомогнати од германско–австрискиот едукативен културен центар „Willkommen“, како и соработката со своите партнерски училишта низ регионот, во рамките на изучување на странски јазици во повеќе држави, го организираше седмиот меѓународен натпревар за познавање на странски јазици. Спонзори на натпреварот се: Германската амбасада во Белград, Гете –Институт, познатата германска издавачка куќа „Klett“ и светската компанија за учење „Pearson“.

Покрај нашата држава, учество зедоа и: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Република Српска, Хрватска, Романија и Унгарија. Натпреварот беше за основни и средни училишта за познавање на трите светски водечки јазици: англискиот, францускиот и германскиот јазик. Натпреварот се одржа на 18.5.2019 година во ОУ „Ванчо Николески“ с.Лескоец партнер/домаќин во нашата држава. Тестирањето се одржа во сите држави во исто време. Тестовите беа изработени по нивоа –за секое одделение и се состоеа од два дела: граматика и пишување состав на тема која се обработува според планот и програмата.

На овој меѓународен натпревар зеде учество и ученичката Ана Томоска од ОУ „Григор Прличев“ Охрид во категорија за 6 –то одделение, која го освои третото место и освои медал. Како награда доби двојазичен германско –македонски речник а се стекна и со диплома за учество на истиот.

„Нас како училиште, во кое со години наназад се изучува германскиот јазик, особено не радува што нашите ученици го сакаат и покажуваат голем интерес за изучување на германскиот јазик, пријавувајќи се на државни а секако и на меѓународни натпревари на кои, несомнено постигнуваат високи резултати. Горди сме на ваквите неуморни ученици и за во иднина се надеваме на поголеми успеси.“ – вели наставничката Моника Герасимоска.