23/11/2024
Македонија

Трихинелозата присутна кај дивечот во РМ

Со лабораториско тестирање на земени 170 мостри од застрелани диви свињи, во рамки на Мониторинг програмата, Агенцијата за храна и ветеринарство утврди присуство на болеста Трихинелоза кај девет единки – 5 во регионот на Радовиш, 2 во Кривопаленечко, 1 позитивна мостра е утврдена кај дива свиња во Валандово, и една во Тетовско. Станува збор за примероци застрелани во ловната сезона 2018-2019 година, која почна на 1 октомври, а завршува на 31 јануари идната година. Ова го соопшти на денешната прес конференција директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанансов. Тој објасни дека во ловната сезона 2017-2018, од испитаните 424 мостри од диви свињи Трихинелозата била потврдена кај 4 лабораториски испитани примероци (2 во реонот на Битола и 2 во Струмичко).

-Трихинелозата не е присутна само во Македонија, туку ја има и во регионот. Станува збор за паразитарно заразно заболување кое може да се пренесе од животните на луѓето поради што, ако се забележи кај животните, треба задолжително да се пријави. Најчеста причина за појава на болеста кај луѓето е конзумирање сурово или недоволно термички обработено месо или месни производи од домашни свињи, коњи, дивеч, мечки кои се заразени со ларвите на „трихинелоза“ – рече Атанансов.

Болста е многу продорна и кај животните, па заразеното може да има неколку стотици ларви на грам во мускулите. Пренесувањето на болеста може да продолжи и по угинувањето зашто ларвите се способни да преживеат во труповите подолго време што е потенцијален ризик за животните кои се хранат со мрши. Некои видови трихинела формираат капсули со ларви во мускулите кои може да останат активни со години.

Тој упати апел до одгледувачите на свињи за домашна употреба животните да ги колат во одобрени кланици каде ќе се изврши преглед на месото. Ако колењето не се врши во одобрен објект се препорачува од трупот да се земат мостри и да се достават до најблиската овластена лабораторија за испитување. Одгледувачите на свињи да спречат изложеност на домашните свињи на глодари и дивеч, а угинатите животни веднаш да се отстранат од одгледувалиштето.

-Пренесувањето на болеста може да продолжи и по угинувањето зашто ларвите се способни да преживеат во труповите подолго време што е потенцијален ризик за животните кои се хранат со мрши. Некои видови трихинела формираат капсули со ларви во мускулите кои може да останат активни со години – додаде тој.

Како одговорна институција за безбедноста на храната и за здравјето на потрошувачите, Атанасов апелираше, пред новогодишните празници, кога дел од граѓаните и ловџиите традиционално подготвуваат и месо од диви свињи, месото да не го консумираат доколку не е лабораторски потврдена неговата безбедност.

Во Република Македонија кај луѓето болеста за последен пат е утврдена во 2008 година. Кај луѓето таа тешко се утврдува и за неа тешко се поставува точна дијагноза. Најчесто третирањето е несоодветно, а со тоа и последиците од болеста се изразени. Во случај болеста да е во поголем обем, таа може да биде фатална за човекот. 

Труповите од заловени или одгледувани диви свињи треба да се тестираат на присуство на трихинела во месото и да се изврши лабораториско тестирање. 

Сите заклани свињи кои се стават во промет за исхрана на луѓето се испитуваат на присуство на болеста. Од 2013 до 2018 година, од вкупно закланите свињи, но ниту еден испитан примерок не е потврдено присуство на болеста трихинела, односно месото во прометот е безбедно. 

Освен кај дивите свињи присуство на Трихинела се утврдува и кај лисиците кај кои исто така во изминатите ловни сезони, беше регистрирано присуство на оваа болест.