22/11/2024
Охрид

Трите Лајонс клубови од Охрид со вредна донација за НУ Библиотека „Григор Прличев“

Во новиот дел од НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид започна монтажата на  софистициран систем за греење и ладење. Оваа вредна донација на барање на Библиотеката е обезбедена од трите активни Лајонс клубови од Охрид.

„Од Библиотека беше побарана наша  помош при опремувањето на новото крило, кое e непосредно до веќе постојните простории а во кои до пред неколку години беше сместена дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“.Нашата реакција беше експресна, бидејќи Охрид како лулка на писменоста мора да има современа библиотека. Секој народ што ја негува сопствената култура вложува во библиотеките. Тие се симбол на урбаното живеење, интелектуалното издигнување и сигурен влог во иднината на младите генерации.” – изјави  Марија Попоска, претседател на Лајонс клубот „Деница“.

„Во голем број европски метрополи можете да сретнете библиотеки кои се вистински атракции за туристите. Тоа го заслужува и нашиот град, имајќи ги предвид локацијата, опременоста и книжниот фонд.” – изјави др.  Ертан Омероглу, претседател на ЛК „Охрид“.

Иницијаторот за реалзиација на оваа благородна акција што ќе овозможи скорешно проширување на библиотеката во интерес на градот и читателите д-р Зоран Тунтев, рече:

„Заради поголема ефикасност, овојпат формиравме мал хуманитарен конзорциум, составен од трите Лајонс клубови и две приватни компании, кои многупати досега покажале највисок степен на хуманост и општествена одговорност. Во име на сите љубители на книгата, користам прилика да се заблагодарам на ЛК „Деница“, ЛК „Охрид“, ЛК „Лихнидос“ и на компаниите ПАП – Охрид и АСП ПАК, “рече д-р Тунтев.

Благодарност до донаторите  со доделување на благодарници и примероци од дела во издание на нашата установа упати директорката на Библиотеката Гордана Змејковска.

Таа најави дека за брзо од сопствени средства ќе бидат набавени и други грејни тела и дека забрзано ќе продолжи уредувањето на овој простор.

„Ние континуирано добиваме поддршка од Министерството за култура, но еве во овие тешки Ковид времиња, за да си помогнеме и сeбеси и на државата побаравме помош и од Лајонс клубовите од Охрид и општествено одговорни компании во општината, со надеж дека  ваквата соработка ќе продолжи и во други проекти кои  ќе бидат во насока на афирмација на културното и книжевно наследство за Охрид кое би се презентрирало пред граѓаните и гостите,“ рече директорката Змејковска.