ТУК: Угостителството се затвора, итно да се додели посебна финансиска помош за секторот да се зачуваат работните места
Угостителството повторно целосно се затвора, што значи дека без основни приходи ќе останат околу 30.000 граѓани кои работат во овој сектор, затоа е потребно да има реципроцитет меѓу рестрикциите и финансиската помош, потенцира денес Мартин Ангеловски од Туристичко угостителската комора на Македонија.
“Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места”, додаде Ангеловски.
ТУК во повеќе наврати потенцираше дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата, но и покрај тоа веќе неколку месеци за секторот нема никаква помош, а граѓаните кои егзистираат од овој сектор тонат во долгови по повеќе од цела година рестрикции.