22/11/2024
Македонија

Турскиот театар утре ја изведува премиерно „Среќна Нова година“

Н.У Турски театар – Скопје за утре (четврток, 11 јануари 2018) најави премиера на претставата „Среќна Нова година“, работена по мотиви на Данил Хармс и Дејвид Ајвс во режија на Бојан Трифуновски…

Улогите во претставата ги толкуваат Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит. Режисерот Трифуновски е воедно и драматург на претставата. Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимографи се Елена Вангеловска и Антонија Гугинска-Јордановска, музиката е на Ади Имери, а кореографијата на Александра Кочовска-Начева.

„Уметник кој истражува зошто светот сака да се самоуништува, создава ментален простор во кој слободно размислува и твори. Таа негова ментална соба има пијано и во неа тој комуницира со своите предци и наследници, обидувајќи се да одгатне што не тера да работиме против себе. Во неговиот замислен свет, во константна состојба на 5 до 12, пред нова година, десет масони преку јазикот на Хармс и на Ајвс создаваат атмосфера за интроспекција и самосоочување“, соопштија од Турскиот театар.