26/11/2024
Македонија

Tомшиќ: По еден месец настава со физичко присуство, состојбата во училиштата е стабилна и дневно се следи

Во првиот месец од новата учебна година успешно се одвиваше настава со физичко присуство на учениците, како во основните така и во средните училишта. За да можат учениците што подолго да останат во училишните клупи, како најпосакувано сценарио, апелираме на доследно почитување на едноставните мерки за заштита –  носење на заштитни маски, честа дезинфекција на рацете, мерење на телесна температура при влез во училиштата и често проветрување и одржување на хигиена во училишните простории. Училиштата се безбедна средина и за учениците и за наставниците, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука во утринската програма на Канал 5 ТВ.

За најавениот скрининг на учениците, што го спроведуваат здравствените власти, Томишќ објасни дека ќе опфати околу 8.000 ученици во основно и средно образование.

„Состојбата во училиштата е стабилна и ја следиме на дневно ниво. Министерството за образование и наука  и Комисијата за заразни болести се во постојана координација“, рече Томшиќ.

Тој посочи дека со одлука на Владата училиштата одржуваат онлајн настава за оние ученици за кои родителите ќе побараат, поради медицински и немедицински причини. Во моментов настава на далечина се реализира за околу 2 проценти од учениците.

Томшиќ напомена дека процентот на вакцинирани наставници се движи околу 74-75% а со континуираната вакцинација ќе се обезбеди дополнителна сигурност и услови за продолжување на наставата со физичко присуство, како најдобра за учениците.