Ученикот од ОУ„Григор Прличев“ Даријан Ангелоски дел од Конкурсот во организација на УНИЦЕФ и Владата на РСМ
Ученикот од ОУ „Григор Прличев“, Охрид Даријан Ангелоски од VIII одделение со својата творба „Детство“, под менторство на наставничката по граѓанско образование Виолета Асанчаровска Упарческа учествуваше на Конкурсот во организација на УНИЦЕФ и Владата на Р.С. Македонија. На тој конкурс Даријан беше рангиран во првите 10 ученици на ниво на Републиката.
Овој конкурс ги обедини најдобрите ученици на дискусија во Владата на Р. С. Македонија каде имаа можност да дебатираат за подобрување на детските права по повод денешниот Светски ден на детето и 30 години од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето.
Во прилог творбата од Даријан:
Детство
Во молкот на ноќта сонував,
сонував со очи отворени
и се прашував – Зошто?
Зошто Бог не создал нас, децата?
Зошто сите различни,
но сепак исти.
Сфатив!
Сфатив дека постоиме
за да ни се радува,
сфатив дека постоиме
за да му се радуваме на детството,
со сета своја наивност,
со сета своја чистина,
со нашата искреност,
со сите наши насмевки и солзи,
со сите наши мечти и желби.
Детството е море,
детството е љубов и сон,
детството е скала во животот,
луда игра, страст – илузија.
Детството е детство
и во пролет и во есен.
Кога бев помал
сакав да бидам голем,
кога потпораснав видов,
дека за тоа е рано.
Сега можам се.
Мојата безгрижност,
игра, радување, смеа,
можам да бидам доктор,
архитект, професор…
Можам да ги допрам ѕвездите,
небото нема граници за мене.
Првата екскурзија,
првиот срамежлив поглед кон другарките,
првото разочарување!
Се е тоа игра,
се е тоа младост.
Сопрете ја земјата,
да остане вечен овој момент.
Животот ќе ни создава
пречки и бариери,
животот ќе не закотвува,
животот ќе ни дава можност,
но моето можам и сакам ќе остане засекогаш.
Оставете ме да бидам дете!
Во сите вас гледам
едно пораснато дете,
со исти желби и мечти.
Во вашите очи го гледам
она што јас сега го чувствувам,
желба за безгрижност,
детски џагор низ школскиот двор,
танц низ игрите без граници.
Подеми и падови,
моменти кога можеш се,
моменти кога си немоќен,
сето ова врви,
сето ова ќе заврши,
но сјајот на детството,
безгрижноста и чистата душа,
во сите нас треба да остане
како нем сведок за тоа што сме.
Оставете ме да бидам дете!
Ако некој го украде моето детство
додека пишувам
касно во ноќта темна,
додека дрвото се збогува
со последниот лист,
додека птица со птица разговор води…
Ако некој го украде моето детство
не е потребна војна,
два камења пламен ќе пуштат,
ќе се запалат цветовите на црешите,
ќе престане да гори сонцето,
ако некој го украде моето детство.
Затоа, оставете ме да бидам дете!
Даријан Ангелоски VIII-1
ОУ ”Григор Прличев” Охрид