Учество на министерот Димитров на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во ЕУ (GYMNICH)
На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), денес, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ, кој се одржа во Софија.
Дискусиите на состанокот беа фокусирани на соработката и партнерството во областа на безбедноста и одбраната.
Министерот Димитров ја истакна потребата за сеопфатен пристап и глобална посветеност во справувањето со безбедносните предизвици и побара вклучување на земјите од нашиот регион во заложбите за развој на безбедносните и одбранбени политики, бидејќи, како што изнесе, иако земјите на Западен Балкан не се членки на ЕУ, тие и припаѓаат на истата Европска безбедносна заедница. Сметаше дека интеграцијата на нашите земји во ЕУ дополнително ќе ги зајакне напорите за адресирање на безбедносните прашања на поефективен и покоординиран начин.
Во овој контекст, МНР Димитров ја поздрави амбицијата на бугарското претседателство да прерасне во “Балканско претседателство“ со посебен фокус врз политиката на ЕУ за проширувањето, која продолжува да биде најефективен инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во регионот.
Исто така, Министерот за надворешни работи на Република Македонија ја поздрави и Стратегијата на ЕК за перспективите на проширувањето со земјите од З. Балкан, со која се потврдува иднината на нашиот регион како геостратешка инвестиција во стабилна, цврста и обединета Европа, заснована на заеднички вредности.
Министерот Димитров ги информираше присутните и за соработката на Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната, ставајќи акцент на учеството на нашата земја во мисиите/операциите предводени од ЕУ, НАТО и ОН, учеството во глобалната коалиција за борба против тероризмот, како и споделувањето на ставовите со ЕУ во рамките на нејзината надворешна и безбедносна политика.
На маргините на настанот МНР Димитров оствари повеќе средби со своите европски колеги со кои разговараше за неодамна усвоената Стратегија и за нашите европски перспективи. Исто така, министерот Димитров информираше за посветеноста на Владата на реформската агенда и потребата за отпочнување на пристапни преговори.
На средбата со МНР на Кралството Шведска, Маргот Валстром, меѓу другото се разговараше за политичките динамики во нашиот регион, како и за нашиот ангажман во функција на реализација на стратешките определби.
Министерот Димитров оствари и куса одвоена средба со МНР на Грција Коѕијас како продолжение на напорите за надминување на разликата околу името.