Учество на министрите Шекеринска и Димитров на 54-та Минхенска безбедносна конференција
Заменикот на претседателот на Владата и министер за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров ќе учествуваат на 54-тата Минхенска безбедносна конференција, која ќе се одржи во Минхен, Сојузна Република Германија, од 16 до 18 февруари 2018 година.
Минхенската безбедносна конференција (MSC) се етаблираше како водечки глобален форум на кој бројни политички лидери, шефови на држави и влади, министри, водечки личности од меѓународните организации, високи претставници од индустријата, медиумите, академијата и граѓанското општество, дискутираат за актуелните и идните безбедносни предизвици.
Во фокусот на овогодишната конференција ќе бидат дебатите за: улогата на Европската унија како глобален актер и нејзините односи со НАТО, САД и Русија; растечката закана за либералниот меѓународен поредок; бројните конфликти на Блискиот Исток; заканите од тероризмот, состојбите во Африка и политичките случувања во регионот Сахел; прашањата за заштита на животната средина како и сајбер безбедноста. Исто така посебен акцент ќе биде ставен и на прашањата за контрола на оружјето и особено на тензиите околу програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја.
На Конференцијата се очекува да земат учество секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, британската премиерка Тереза Меј, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, евро-комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан и многу други.
За време на Конференцијата, двајцата министри ќе учествуваат на повеќе панели посветени на транс-атлантската безбедност, соработката на НАТО и ЕУ и други теми. Исто така ќе остварат билатерални средби со нивни хомолози и високи претставници на меѓународни организации.