Учество на МНР Димитров на тркалезната маса „Bergedorf“ во Сараево
Денес во Сараево, МНР Димитров учествуваше на тркалезната маса „Bergedorf“, која оваа година беше организирана на тема „Долгиот пат кон Европа: Западниот Балкан меѓу домашните предизвици и геополитиката“. Министерот за надворешни работи се обрати на панелот „Внатрешните реформи: доброто управување и владеење на правото”.
На тркалезната маса учествуваа високи политичари, како и интелектуалци, публицисти и членови на граѓанското општество од Западен Балкан, релевантни земји-членки на ЕУ, Русија, Кина и САД.
Акценотот на тркалезната маса беше ставен на политичките структури и надворешните влијанија во регионот; исто така беа разгледани и начините на соработка меѓу ЕУ и регионалните партнери во земјите од Западен Балкан, со цел да се постигне поголема економска и политичка кохерентност.
МНР Димитров оствари средба и со Лилиана Тонги, потпретседател на Комитетот за надворешни работи во францускиот парламент.
МНР Димитров изјави:
„Во Република Македонија денес имаме здрава политичка дебата. Успеавме да го промениме медиумскиот пејсаж и да го ослободиме медиумскиот простор. Верувам дека можеме да бидеме уште подобри. Треба да го менуваме системот, но и менталитетот и пристапот кон медиумските слободи, и воопшто кон улогата на критичката јавност.”