23/11/2024
Охрид

„Учествуваме, застапуваме, менуваме“ на 20 јули во Охрид

Во рамки на проектот „УЧЕСТВУВАМЕ, ЗАСТАПУВАМЕ, МЕНУВАМЕ – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модeл на институција на јавно-цивилно партнерство“, ЈАДРО -асоцијацијата на независната културна сцена го реализира третиот јавен настан, кој ќе се одржи во рамки на фестивалот „Beach Film Festival“, a во организација на Медиа Артес-Охрид, членка на ЈАДРО, на 20-ти јули (петок), 2018 година.

Намерата на проектот „УЧЕСТВУВАМЕ, ЗАСТАПУВАМЕ, МЕНУВАМЕ“ е да ги претстави процесите на застапување во рамки на овој пионерски модел инициран во Скопје, преку серија на јавни презентации, работилници, културни интервенции и дебати, и истовремено во соработка со 5 партнерски организации (МКЦ-Битола, Стрип центар на Македонија-Велес, Љоја-Тетово, Медиа Артес-Охрид и ИНКА-Струга) да отпочне процес за развивање на модели со свои локални специфики за формирање на културно–општествени центри во Битола, Велес, Тетово, Охрид и Струга. На тој начин проектот ќе овозможи зацврстување на позицијата на граѓанските организации во културата и поширокиот граѓански сектор на локално ниво и ќе придонесува кон процесите за демократизација и демонополизација на јавната сфера.

Програмата на настанот во Охрид во рамките на програмата на „Beach Film Festival“ на 20.7 2018 (петок) предвидува:

11 – 13 часот: Работилница за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство. Модератор: Анита Ивковиќ. Локација: ФИОФА-Филмска академија, Охрид (поранешен Дом на АРМ)

На работилницата добредојдени се сите граѓански организации, формални и неформални групи, уметници и младински работници кои активно работат во Охрид и имаат потреба од решавање на прашањето за простори.

Цел на работилницата:

– Утврдување на капацитетите и потребата на независниот културен сектор, младинските организации и иницијативи, и граѓаните за простор земајќи го во предвид социјалниот и културен контекст на градот; 

– Мапирање на конкретни потенцијални простори;

– Конкретни планови за преземање на следни чекори во насока на обезбедување на простор преку моделот на цивилно-јавно партнерство.

18 – 21 часот: Културни интервенции во јавен простор на членките на ЈАДРО. Локација: Гимназија “Св. Климент Охридски”.

-Финална презентација од работилницата за креативна едукација на деца и младинци “Мојот свет”, под водство на Марија Дамјаноска (К.Ц. Медиа Артес) и Томе Станкоски (Beach Film Festival).

– Промоција на изданија од едицијата „Лифт“, и едицијата на сликовници „Во пет кај вртелешките!“ од издавачката куќа „Темплум“. Промотор на изданијата ќе биде Никола Гелевски.

– Драмско читање на извадок од текстот „Против демократијата“ на авторот Естев Солер во изведба на членови на Медиа Артес, Охрид).

– Соло слем настап на Елена Пренџова.

– Перформанс на Ѓорѓе Јовановиќ „Нема пари за кои нема да работам“.

Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура на РМ.