Угостителите навремено да вршат здравствено-хигиенски прегледи и дезинфекција на објектите
Се наближуваат Новогодишните празници, период кога се очекува Охрид и Струга да бидат посетени од голем број туристи и гости. Со цел да се намали ризикот, превенира и избегне појавата на инфекции и труења предизвикани од биолошки, хемиски или физички причинител, кои можат да предизвикаат штетни последици врз здравјето на луѓето.
Од Центарот за јавно здравје Охрид апелираат и ги потсетуваат угостителските работници, сопственици на хотели, ресторани, кафулиња, маркети и сл. на законската обврска за навремено вршење на:
– здравствено-хигиенски прегледи на вработени кои оперираат со храна, пијалоци и сл. (на секои 6 месеци), собарки (на секои 12 месеци).
– дезинфекција, дезинсекција, дератизација на просториите во објектите (на секои 6 месеци).
Во интерес на заштита на здравјето на населението, Центарот за јавно здравје Охрид со своите човечки и технички капацитети е подготвен да излезе во пресрет на потребите и барањата за професионално и навремено вршење на горенаведените услуги.