23/11/2024
Македонија

УХМР: Нестабилно време со пороен дожд, грмежи, град и ветер

Почнувајќи од денешните попладневни часови па во наредните неколку дена, како резултат на циклонска активност, ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи, град и ветер.

На поедини места од државата се најавуваат локални поројни врнежи од дожд (на поедини места над 30 l/m2), при што нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата. На одредени места врнежите се очекува да бидат поинтезивни, да паднат за кратко време и да бидат во форма на невреме и придружувани со силен ветер, така што можна е појава на слевање на вода во градските урбани средини поради неможноста за одведување на водата.

Исто така, при краткотрајни интезивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолици и нивно локално излевање. При такви околности, УХМР предупредува на внимателно движење покрај помалите реки и суводолици низ земјава.