26/11/2024
Македонија

Упокоение на Свети Кирил Солунски

Според познатото кратко житие на Константин Филозоф, во монаштво наречен Кирил, потекнувал од познати родители Лав и Марија, солунски Словени. Високата положба на таткото и талентот на момчето му ја отвориле вратата на позната Магнаурска школа во Цариград каде што Константин учел заедно со децата на византиските цареви и болјари под раководство на познати учители и на прочуениот Фотиј, идниот цариградски патријарх. Образованието го завршил со прекарот Филозоф, по што бил назначен за патријаршиски библиотекар и предавач по филозофија. Му биле давани и разни обврски од општествен карактер. Ослободен од суетата на овој свет, Константин тајно заминал во манастир на Олимп во Мала Азија, при својот брат Методиј, каде што во пост и молитви се подготвувал за големото свое дело – да создаде словенска азбука и да ги преведе словенските книги на Православната Црква на јазикот на Словените. Подготвен со тоа оружје тој со брата си бил испратен од византискиот император Михаил III во словенските земји Моравија и Панонија за да ги придобие за христијанството тамошните народи со мајчиниот јазик. Но биле засегнати интересите на месното германо-латинско духовенство. Тоа било ѓаволски насилено кон словенскиот јазик и започнало борба против него. На двајцата браќа словенски просветители им било наложено да се упатат кон Рим и своето дело да го бранат од непријателите пред самиот римски папа. Во Рим Константин тешко се разболел, бил потстрижан и како монах го добил името Кирил и по 50 денови починал на 27 февруари 869 година. Самиот папа Адријан го извршил погребот во црквата „Свети Климент Римски“. Житието на свети Кирил е напишано од свети Климент Охридски со помош на свети Методиј, Моравскиот архиепископ, брат на свети Кирил.