25/11/2024
Охрид

Успешна реализација на обуката за наставници и ученици во „Костал“ Македонија

Со пригодна свеченост во просториите на Општина Охрид, денес, беа врачени сертификатите на наставниците кои беа дел од обуката за наставници и ученици во „Костал“ Македонија – „Напредни технологии во автомобилскиот сектор“.  Обуката се реализира во рамки на проектот за унапредување на средното стручно образование во општините.

– Единствено само преку соработка помеѓу локалните компании и средните стручни училишта, може да ги подготвиме нашите млади за нивната идна професија, но во согласност со потребите на компаниите. Еден од позначајните сегменти е практичната обука на учениците во компаниите, бидејќи покрај теоријата, учениците се надградуваат и во работната средина, односно се подготвуваат за реалниот свет, истакна во своето обраќање градоначалникот Кирил Пецаков.

Настанот претставува заокружување на процесот кој го реализираа „Костал“, ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ со поддршка од швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“.

– Овој проект е рефлексија на потребата на „Костал“ за системско подобрување на младиот кадар кои произлегува од средното училиште ОЕМУЦ со паралелна обука на наставниот кадар. Самата обука не за подобрување на техничкото знаење потребно за индустријата, туку за многу понапредните процеси и производи кои ги развива групацијата „Костал“ во подолг временски период. Производот ја има најголемата додадена вредност како полупроизвод во автомобилската индустрија која се извезува од Македонија. Затоа овој проект е уникатен и го прави „Костал“ Македонија препознатлив бренд. Благодарност до ОЕМУЦ и Општина Охрид за соработката и се надеваме на уште многу вакви заеднички проекти во иднина за подобрување на образовниот систем и вештините на младите луѓе во Охрид и регионот, рече генералниот директор на „Костал“, Виктор Мизо.

Ивана Георгиевска, експерт за стручно образование и обука, го истакна задоволството од соработката помеѓу Општина Охрид и „Костал“ и потенцираше дека токму оваа соработка и овој настан се пример во која насока треба да се движи стручното образование во државата.

Во рамки на обуката, од април 2021 година, се спроведоа на 1800 часови обука за 14 наставници и презентации за 30 ученици од средното стручно училиште.

– Овој концепт на учење ги унапредува практичните знаења и вештини на учениците кои по завршување на нивното школување ќе можат веднаш да ги применат во производствениот процес за кои се обучени, што е крајна цел на воспитно – образовниот процес. Часовите предвидени за учење преку работа се реализираат во корелација со сертифицирани обучувачи од компаниите и професори по практична настава од училиштето, што е суштина на проектот дуално образование, истакна директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, Сашо Недески.

Од учениците кои веќе посетувале пракса во „Костал“, двајца се веќе во редовен работен однос, додека за другите изготвена е ранг листа согласно потребите од работни позиции во компанијата.


WebOhrid / 16.02.2022 / Општина Охрид