Успешно завршен проектот од УСАИД – компонента реновирање во ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец
Денес, во присуство на претставници од УСАИД, членови од Локалната самоуправа – Охрид и стручен надзор од Битола, се направи технички прием на градежните активности што во изминатиов период се реализираа во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, Охрид.
Со тоа успешно заврши имплементацијата на проектот за реновирање на училиштето, што беше прифатен, одобрен и поддржан од УСАИД во вредност од 1 200 000 МКД. За успешно реализирање на проектот поддршка даде и општина Охрид, со учество во изведувањето градежни работи од страна на локалните јавни претпријатија, а во вредност од 300 000 МКД. Целокупната вредност на проектот изнесува 1 500 000 МКД.
Преку овој проект во училиштето во Лескоец целосно се реновираа санитарните јазли за учениците, се реновираа и варосаа ѕидовите и таваните во сите училници, се направи Армстронг таван и се реновираа ѕидовите од големиот хол, се заменаа вратите во сите училници, се направи пристапна рампа за лица со посебни потреби од задниот влез во училиштето, се истружи и исфарба дел од подот во ходниците и целосно се уреди и оплемени училишниот парк, каде се санираа постоечките, а се поставија и нови реквизити.
Резултатите се видливи, значително се подобрени условите за престој и настава во училиштето. Претставниците од УСАИД не го криеја своето задоволство од соработката со училиштето, посветеноста на менаџерскиот тим и тимската работа во текот на целиот период.
Од училиштето напоменуваат дека ќе продолжат да реализираат активности за создавање и подобрување на условите за престој и правилен развој на учениците во училиштето, како и за подобрување на квалитетот на наставата. Денес ова училиште исто така беше домаќин и на претставници од Велика Британија, Португалија, Романија и Турција, во рамки на проект од Еразмус+ програмата, со кои ќе реализира 5 дневна програма на тема „Чиста природа – долг живот“.