31/10/2024
Охрид

Успешно завршена втората образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови“

Успешно беше завршена и втората образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови”/ ”Our stories are our bridges”, каде ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, Охрид, е главен координатор. Истата се реализираше на прекрасниот хрватски остров Корчула, а домаќин беше ОШ „Анте Цурач – Пињац“ од Жрново.

Во овој проект освен нашето училиште, се вклучени училишта од Корчула, Република Хрватска и од Република Словенија. Целта на овој проект е да се истакне важноста на приказните во наставата и преку истите учесниците да се запознаат со културата, традицијата и обичаите од другите народи. Сметаме дека преку креативно прераскажување автентични приказни, кај учениците од различни земји се развиваат позитивни вредности, меѓусебно се зближуваат, а разликите им служат како мост за поврзување.

Во рамки на оваа мобилност се запознавме со застапеноста на приказните во хрватскиот образовен курикулум, додека учениците имаа интерактивни работилници за обработка на приказни поврзани со историјата, културата и традицијата на островот Корчулавклучувајќи и посети на значајни институции, места и локалитети. Исто така, имавме можност да претставиме наша автентична приказна, а и да ги слушнеме оригиналните приказни од останатите земји учесници.

Во текот на нашиот престој таму ги посетивме: островот Бадија, националниот парк “Kočje”, градската библиотека “Ivan Vidali Korčula”, локален Eтно музеј, значајните места во градот Корчула, а исто така учениците уживаа во традиционалниот витешки танц „Moreška“, изведен од локални професионалци. Имавме можност да ја проследиме и театарска претстава за деца „Vjetropirka“, во локалниот театар „Kod Pauleta“.

Преку низата одлично организирани интерактивни активности поврзани со раскажување и слушање приказни, учесниците на оваа мобилност успеаја да се запознаат со другите култури, да ги согледаат сличностите и да „градат мостови“ на соработка и заедништво.

Третата и последна образовна мобилност од овој проект ќе се реализира во Септември 2024 година, кога нашето училиште „Ванчо Николески“ е домаќин.

Ова е шести Еразмус+ проект што го реализира училиштето. Претходно се успешно и целосно имплементирани пет Еразмус+ проекти од клучна акција КА 229.


WebOhrid / 20.05.2024 / ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец