22/11/2024
Македонија

Усвоени заедничките препораки на 17от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур

По плодните дискусии за односите меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, во текот на вториот ден на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската унија, кој се одржува во Европскиот парламент во Стразбур продолжија поединечни дискусии за повеќе аспекти на владеењето на правото, борбата против дискриминацијата, против говорот на омраза, слободата на медиумите, младинските политики, судските реформи и законските решенија кои во оваа област треба да се донесат, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Членовите на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во состав: Соња Мираковска, ко-претседавач и членовите: Жаклина Лазаревска, Бетиан Китев, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати, дадоа осврт на чекорите кои се преземени и се планираат за унапредување на состојбите во овие важни и приоритетни области, имајќи ги предвид притоа оцените содржани во извештаите на Европските институции за напредокот на државата.

По презентирање на состојбите во Република Северна Македонија следеше дискусија со пратениците на Европскиот Парламент, кои изразувајќи надеж дека до следниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет, Република Северна Македонија ќе биде во процесот на преговори со Европската Унија, оддавајќи признание за постигнатите резултати, укажаа на областите во кои е потребен напредок.

На крајот од состанокот пратениците на Собранието и на Европскиот парламент го усогласија и го усвоија текстот на заедничките препораки кои ќе бидат упатени до Европарламентот, до Собранието и Владата на Република Северна Македонија до Советот на Европската унија и до Европската комисија.