22/11/2024
Охрид

Утре ќе се одбележи Денот на Дрим

Годинава по петти пат во регионот ќе се одбележи Денот на реката Дрим. Овој проект го опфаќа басенот на реката Дрим вклучувајќи ги двете Преспански Езера, Охридското Езеро  а со тоа и земјите:  Грција, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.

Централниот настан во Македонија годинава  ќе се случи на 4 мај – петок од 11 часот во ОУ „Христо Узунов“ во Охрид.

Организатор на настанот – прославата на „Денот на Дрим“  е Здружението „За Трпејца со љубов“ кое во текот на април и до средината на мај заедно со партнерска организација „Интелектуална жена“ од Поградец – Албанија го реализираа проектот : “СИНО – ЗЕЛЕНО наспроти ЦРНО – СИВО” .

Проектот e финансиран од Глобалниот еколошки фонд – ГЕФ Дримски проект кој се реализира во 5 држави.

Во  сабота  на 5 мај проектот  ќе биде презентиран и во Поградец – Албанија со присуство и на претставници на Здружението „За Трпејца со љубов“.  

Се работи за мал грант со вкупна заедничка вредност за двете организации  од 6000 американски долари.

Всушност убавините, како и „критичните“ точки на регионот на Охридското Езеро се претставени на изложбата  и на мини каталогот – албум, создаден од локалните НВО од Охрид и Поградец.  Оваа публикација е подготвена за прославата на Денот на Дрим 2018, со ученици на возраст од основно  и  средно образование во регионот, а поддржана од GEF/UNDP/GWP-Med project:

„Овозможување на прекугранична соработка и интегриран менаџмент со водени ресурси во проширениот басен на реката Дрим (ГЕФ Дрим проектот).

Од учесниците се бараше да ги споделат своите искуства од прекрасниот регион. Од преку 500 фотографии собрани на двете страни беа избрани победнички 60 за да бидат дел од заедничката изложба (30 од македонска и 30 од албанска страна), за да се истакнат не само богатото природно и културно наследство, туку и предизвиците за заштита на овој регион.

Претходно во текот на април беше направен избор на локации на кои потоа беше  опфатено убавото и за жал – од човекот нападнато и грдо лице на околинта на Поградец и селото Трпејца кои се во еден заеднички под басен на Охридското Езеро односно реката Дим.

Од двете страни следеа мини обуки за фотографирање на младите а беше следена и нивната активност на терен.

Производ на тоа е изложбата која ќе може да се види во петок и сабота а подоцна уште во неколку наврати ќе биде поставенма во Поградец, Трпејца, Охрид и Струга.