23/11/2024
Дебрца

Утре, сите спортски, културолошки, историски и еколошки патишта, ќе водат за легендарната Црвена Вода, во историска Дебрца

Историското место Црвена Вода, во општина Дебрца, селото со кое се поврзани сите нишани од постанокот на современата македонска држава после Втората светска војна, утре, широко ги отвора вратите за учесниците на националчната манифестација: МТБ (Вело)-тура Караорман 2023, во организација на Rupicapra MTB Adventure team од Струга и под покровителство на СРЦ Бела Касаод Црвена Вода.

Покровителот подготвува големо изненадување за учесниците. Покрај специјалитети карактеристични за овој крај, чорба подготвена од повеќе видови дивеч и шумски плодови, веселото расположение кај учесниците ќе го подогне интерпретаторката Елена Јовческа, со почеток во 14:00 часот.

Оваа атрактивна тура, која, покрај другото, минува низ кањонот на Песочка Река, всушност, е кружна: стартот и финишот се кај бензинска пумпа ОКТА (на самиот автопат Кичево – Охрид), по што минува низ селото Песочан, потоа се искачува до браната кај Радомирово, а од тука до историските споменици, како Славеј Планина, местото на формирањето на батаљонотМирче Ацев, зародишот на денешната АРМ. Mинува низ партизанските бази и завршува во Црвена Вода.

Должина на турата е 40 километри, додека искачувањето е 1.250 метри, надморска височина. Теренот е 95 проценти шумски ,,off road” пат.

До затворањето на електронската пријава, за настанот се пријавени над 120 регистрирани бајкери од повеќе здруженија во земјата, како и поединци.

Со цел унапредување и афирмација на планинскиот велосипедизам и промоција на Струга како одлична дестинација за активен туризам, организаторите добиваат континуирана поддршка, мегу другите, и од амбасадорот на Словачка Н.Е.Хенрик Маркуш, кој, викендов, им се придружи на учесниците во возењето МТБ на планините Караорман и Јабланица.

Организаторите соопштија дека во турата може да учествува секое полнолетно лице (или малолетно во придружба на родител или старател) кое се чувствува физички подготвено за повеќечасовно возење велосипед по планински патеки.

Целата рута е максимално обележана и означена со поставување на патокази и маркација.

Овој проект ќе придонесе за поголема безбедност на планинарите и велосипедистите. Велосипедската култура во земјава последните години доживува подем, а интересот за планински велосипедизам енормно расте во светски рамки.

За местото на случувањето, легендарното Црвена Вода не треба посебно да се зборува. Главниот организатор на НОВ и ПОМ, Петре Пирузе Мајски, заедно со воениот командант Михајло Апостолски, го одбраа ова село како партизанска база, поради местоположбата и целосната лојалност и содејство на мештаните.

Тука е донесен, отпечатен, како прв документ на македонски современ јазик, во партизанската печатница, МАНИФЕСТОТ на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, на 3 октомври 1943 година. Формиран е Иницијативниот одбор, подготвени се документите, подоцна усвоени во Св. Прохор Пчински (АСНОМ), тука се избрани и тргнале делегатите за АВНОЈ.

 Престојувала и првата сојузничка мисија, на ниво на мајор на британската армија, што, практично, погледнато од денешен аспект, го означува зародишот на соработката со западната алијанса, денес НАТО.

Покрај за овие факти, учесниците ќе се запознаат со Спомен домот, ќе ја разгледаат Спомен собата на НОВ и ПОМ, Спомен собата посветена на Ванчо Николески, родоначалник на литературата за деца во Македонија, а ќе ја посетат и неговата родна куќа.


WebOhrid / 13.05.2023 / Веле Митаноски