Утре во МНТ свечено се отвора Танц фест 2018
Во Македонскиот народен театар утре (4 април), со почеток во 20 часот свечено ќе биде отворен Танц фест 2018. На отворањето, покрај кореографијата „Орландина“, танцова соло-претстава посветена на најдобрата современа танчарка во Словенија, Росана Хрибар, и Танцовиот театар од Љубљана во кореографија на Рисима Рисимкин, ќе биде изведена и кореографија на младата кореографка Адријана Данчевска, со Скопје танцовиот театар, под насловот „Д.О.Л:“, на оригинална музика на Александар Гроздановски, со која ќе биде прославен седмиот роденден на единствената современа танцова компанија во Македонија …
Организаторите на фестивалот најавуваат програма со исклучителни уметници и танцови компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Латвија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија, Словачка и Македонија.
Во рамките на програмата ќе има уште една премиера на Скопје танцовиот театар „Егзистирање“, на 11 април во МКЦ. Премиерите на Скопје тaнцовиот театар ќе бидат прикажани на сцената на Народниот театар во Велес, на 16 и 17 април.
На 13 април во МНТ во 18 часот, за прв пат во рамките на програмата на Танц фест ќе биде прикажана современа танцова претстава за деца и родители, претставата „Зик Зак Пуф!“ на швајцарската танцова компанија за деца Мафалда од Цирих. На 14 април, во Домот на култура во Штип ќе се одржи таканареченото „Детско гала“ на кое покрај танцови студија од Македонија, ќе настапат деца од Холандија и за прв пат, деца од Кина. Од 18 до 22 април, во рамките на Танц фест, а во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе се одржи програмата насловена „Share“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети од Австрија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и Македонија. Програмата ќе се затвори со гостувањето на француската компанија „Покемон“ и претставата „Тишина…на турнеја сме“, на 23 април во Mакедонскиот народен театар со почеток во 20 часот.
Оваа година, Советот на Танц фест одлучи наградата „Менада“, за врвни достигнувања во областа на танцот, да ја додели на францускиот уметник, танчер и кореограф Дидије Дешан, заради нeговата исклучителна посветеност на развојот на современиот танц и негово поставување на повисоко уметничко рамниште.