Утре во Охрид ќе бидат врачени книжевните награди за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“
Утре, од 13 часот, во големата сала на општина Охрид, со посебна програма, на која акцент ќе биде ставен на неговото творештвото, ќе бидат врачени наградите, по повод распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, во чест на поетот и писател за деца, Тоде Илиевски.
Конкурсот, по втор пат, го распишува Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“, кое, преку ваквата востановена манифестација, достојно да му оддава почит на Тоде Илиевски, поет, енигматичар ….кој остави трајни вредности, посебно во книжевноста за деца.
Од пристигнатите песни, жири комисијата во состав: Виолета Танчева-Златева, Зоран Јакимоски и Дијана Петрова, ги издвои песните кои се најдоа во потесниот избор, а, меѓу нив, се и трите најдобри, за кои се предвидени парични награди.
Авторот на првонаградената песна ќе добие парична награда од 9 000 денари, за второнаградената песна се предвидени 6 000 денари и песната што ќе го освои третото место, ќе биде наградена со 3000 денари.
Најдобрите песни ќе бидат објавени во деветтиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува здружението „Креативна верига“.
Општина Охрид, која покажува слух за книжевните манифестации и издаваштвото, ја даде комплетната поддршка за организирање на овој настан.
Тоде Илиевски, како поет и подалечен роднина, се вгради и во заживувањето и првите години од одржувањето на книжевната манифестација Балканским поетски камп за млади и деца “Ванчо Николески”, исто така, поддржана од општина Охрид.
06.03.2024 / Веле Митаноски