21/12/2024
Охрид

Утревечер во Охрид премиера на документарниот филм „Човекот – делфин“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ премиерно ќе ја прикаже инспиративната документарна приказна за легендарниот Жак Мајол, првиот човек кој ја достигнал длабочината од 100 метри во слободно нуркање. Благодарение на својата посветеност и дисциплина, човекот-делфин, како што го нарекуваат Мајол, успева да ги помести границите на човечкото тело и ум, а станува главна инспирација и за играниот филм „Големото синило“ на Лик Бесон.

„А сега замисли си дека си делфин и дека живееш слободно според своите потреби. Во секој од нас спие по еден делфин“, вели човекот кој ги помести границите на човечкото тело и ум, но не заради рекордите, ами заради слободата што се раѓа во длабокото, каде што синото повеќе не е сино, каде што небото и чувствата стануваат сеќавања, каде што тишината е потполна, а времето не постои.

Документарниот филм „Човекот – делфин“ е воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ќе ја достигне длабочината од 100 метри со слободно нуркање. Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за „Големото синило“ на Лик Бесон.

За филмот:

„Човекот – делфин“ (Dolphin Man), 2017, 78 мин., Франција, Италија
Режисер: Lefteris Charitos
Сценарио: Lefteris Charitos, Yuri Averof
Наратор: Jean-Marc Barr
Снимател: Stelios Apostolopoulos
Монтажа: David Kazala
Музика: Mathieu Lamboley
Продукција: Rea Apostolides, Yuri Averof, Ed Barreveld and Estelle Robin

Приказната за францускиот делфин премиерно ќе ја раскажеме трипати:

– 2.11. (четврток) / 20.00 ч. / КИНО Култура, Скопје / цена: 100 ден.

– 3.11. (петок) / 20.00 ч. / НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид/ цена: 100 ден.

– 4.11. (сабота) / 20.00 ч. / Спомен-куќа „Браќа Миладиновци“, Струга, во соработка со „Дримон Фестивал“ / цена: 100 ден.

„МакеДокс“ ја реализира премиерата на филмот „Човекот – делфин“ во соработка со „Moving Docs“, платформа која е финансирана од МЕДИА на Креативна Европа.

Карти може да се набават онлајн преку Купи Карти за сѐ, на врата, но и на повеќе продажни места низ државата.