26/11/2024
Македонија

Утврден ребалансот на Буџетот по амандманската расправа во Собранието

Владата на Република Северна Македонија на денешната 15-та редовна седница ги усвои дополнувањата на ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година со амандманите кои беа прифатени во комисиската расправа во Собранието, и донесе заклучок вака утврдениот ребаланс на Буџетот да биде доставен на усвојување во Парламентот.

Согласно дополнувањата, вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5% во однос на иницијалните проекции на Буџетот.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1%, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49% од БДП. Имајќи ги предвид настанатите околности извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија, пред сè за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки.

Во овие рамки обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред сѐ на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки од донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот КОВИД-19, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.

На денешната седница Владата го утврди и текстот на Предлог законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствен економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Целта на овој предлог-закон е да се обезбеди финансиска поддршка за вршителите на самостојна дејност во последниот квартал од 2020 година, со месечен износ во висина од 17.410 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност.

На оваа своја седница Владата донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата на Северна Македонија, врз основа на предлозите на владината Комисија за именувања.

Согласно овие предлози, Владата ја прифати оставката на Борче Хаџиев, и го разреши од должноста директор на Фонд за осигурување на депозити, на негово барање, и за в.д. директор го именуваше Амир Шабани.  

Владата ја прифати оставката на Армир Садики, и го разреши од должноста в.д. директор на Бирото за јавни набавки, и за директор на Бирото го именуваше Борче Хаџиев.

Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија Ц.О. Скопје, за в.д. директор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија да ја избере Билјана Јовановска, а за в.д. заменик директор да го избере Шаип Зенељи.

Владата денеска ја прифати оставката на Орхан Рамадани и го разреши од должноста директор на Фондот на здравствено осигурување на Република Северна Македонија, на негово барање, и го именуваше Фатон Ахмети за в.д. директор на Фондот на здравствено осигурување до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.

На денешната седница Владата го именуваше Бесир Деари за в.д. заменик на директорот на Управата за финансиска полиција, а Блерим Идризи за в.д. заменик на директорот во Државниот завод за индустриска сопственост.