В.д. градоначалникот Константин Георгиески учесник на „Ден на градовите“
Во седиштето на Обединетите нации во Женева, а во организација на Економската комисија за Европа при Обединетите нации, во Женева се одржува работен состанок „Ден на градовите“. Целта на настанот е на едно место да ги собере градоначалниците од повеќе градови, кои ќе го пренесат нивното искуство, знаење и добрите практики во планирањето на паметните градови.
Вршителот на должност градоначалник Константин Георгиески, зеде учество на округлата маса која ја опфаќа темата „Подобрување на квалитетот на животот и урбаните навики“. Во своето излагање в.д. градоначалникот се осврна на потребата од дополнителна едукација на населението за употребата на превозни средства кои не ја загадуваат животната средина, одржливиот развој на градот и употребата на СМАРТ концептот. Излагањето беше во третата сесија заедно со заменик градоначалникот на Киев, а експертско мислење даде Спиро Полалис професор на Универзитетот „Харвард“.
Работниот состанок го отвори Жан Тод, специјален претставник на ОН за безбедност на патиштата и претседател на ФИА.
На работниот состанок со свои излагања се претставија градоначалниците од Милано, Москва, Осло, Хелсингборг, Охрид, Братислава, Сан Марино, Тирана, Глазгов, Хелсинки, Тампере, Јелгава, Алесунд, Бургас, Подгорица, Тбилиси, Целје, Бишкек, Калуга, Бон, Екатеринбург, Торино, Баку, Гродно, Уфа, Света Недеља, Савона, Брест, Киев, Никосиа и Сараево.