23/11/2024
Охрид

Вечерва и утре Баскерфест караванот во Охрид

На градскиот плоштад, вечерва со почеток во 19 часот, под покровителство на општина Охрид, започнува театарот под отворено небо „ Баскерфест 2018“ . Вечерва и утревечер, како што беше речено на денешната прес-конференција, охриѓани и туристите ќе имаат можност интерактивно да се забавуваат со неколку атрактивни баскер артисти и музичари.

Козани и Венди доаѓаат од Аргентина и Италија, а нивниот циркус е навистина адреналинско доживување. Во точката со ножеви, Козани прецизно фрла со ножеви кон својата Венди, а на публиката и се смрзнува крвта. Секако ова е само мал дел од нивното баскер шоу кое содржи и жонглирање со оган.

Диого Алварес кој публиката го прогласи за најзгодниот магионичар на светот, доаѓа од Бразил, а во Охрид ќе го изведе своето шоу со илузии и магични трикови на кое никој не останува рамнодушен.

Ферца од Аргентина е кловн и акробат кој со сигурност ќе ги развесели најмладите. Неговите точки вклучуваат акробации на високи столчиња, но и многу хумор.

Џина Циркус со нејзиниот танц со оган ќе ги разбуди сетилата на публиката во една кратка приказна, која таа ја раскажува низ возбудлив настап.

Хиро-Сан доаѓа од далечната Јапонија, а неговото улично шоу е вистинска атракција. Комбинација од боречки вештини, неколку интересни трикови, акробации, како и вклученост на многу посетители во точката.

Оде Зуле е баскер бенд од Шпанија, чија што музика може да се окарактеризира како мешавина од шпанскиот фолклор со ска панк. Звучат одлично, а нивниот енергичен настап е аудио визуелен перформанс во кој има вклучено и цртање, кловнови и жонглирање.