25/11/2024
Македонија

Вечерва со Македонската филхармонија започнуваат „Деновите на македонска музика“

Вечерва во 20 часот, Македонската филхармонија ќе настапи на свеченото отворање на годинашното 41-во издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори од различни генерации: Три псалми за хор и оркестар (2017) од Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар (2005) од Панде Шахов, како и премиерата на Концертот за виолина и оркестар (2016) од Филип Иванов. Солисти на концертот се младите, но веќе искусни, талентирани и наградувани музичари: Александар Иванов на виолина и Игор Иванов на кларинет, а ќе настапи и византискиот Камерен хор „Херувими“…

Во рамките на настанот ќе бидат доделени и годинашните награди на организаторот на ДММ, Сојузот на композиторите на Македонија.

Александар Иванов (Скопје, 2000) е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Моментно студира во Виена, Австрија. Истовремено e примен на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, каде што студиите ќе ги продолжи од септември 2018 година.

Игор Иванов (Велес,1984) по студиите во Грац, Австрија, во класата на еминентниот професор Штефан Шилинг, се враќа во Македонија каде што ја продолжува својата музичка активност и успешно концертира и настапува како дел од ансамблот „Контемпора“ и со други бројни камерни состави. Моментно е втор кларинетист при Македонската опера и балет.
__–
Формирањето на Камерниот хор „Херувими“ беше поттикнато од истражувањата на византиската музичка традиција на територијата на Македонија, како и од конституирањето на Катедрата за византолошки науки при Универзитетот „Евро–Балкан“ од Скопје, во 2013 година.

„Деновите на македонска музика“ ќе траат до 5 април, а на програма ќе има 11 концерти на кои ќе се промовираат повеќе нови композиции на домашни автори. По подолго време на ДММ премиерно ќе биде изведена камерна опера, „Помеѓу соништа и летови“ од Горан Начевски, а покрај повеќето нови дела на македонски композитори, ќе настапат и гости кои годинава доаѓаат од Албанија и од Израел.

Годинава, на ДММ ќе има и предавање кое ќе го одржи Ајала Адлер од Ерусалим, а е насловено „Моите дела со боја на звук“, и ќе биде одржан семинар за четрирачно пијано и клавирско дуа со гостите од ансамблот „Артворк“.