27/11/2024
Охрид

Ведрите и духовито дизајнирани кукли ја израдуваа најмладата публика на „Охридско лето“

Најдобро е да бидеш тоа што си, без да се китиш со туѓи перја. Ваква порака донесе синоќа куклената претстава „Тоби“ од Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ што ја одиграа актерите од Театарот за деца и младинци на фестивалот „Охридско лето“.

Многу насмеани лица, восхитеност од животните на сцената кои беа во оригинални големини,  воздишки, восхит и аплаузи, таква беше публиката во која најбројни беа најмладите. Ведрите и духовито дизајнирани кукли беа вешто водени од актерите и  донесоа многу свежина во детските очи.

Патот што на сцената го помина кучето-јазовичар Тоби кое се срамеше од својот изглед претставуваше спознавање на една голема вистина но и поука за публиката. Во куклената претстава се откриваа сѐ уште актуелните проблеми кај луѓето како што се  необјаснивата желба за промена на сопствениот изглед, дискриминацијата по најразлични основи, физички, социјални, расни, но  јасна беше и пораката дека во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме и со она што имаме.

-Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како ненадминлива препрека. Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: „Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни, вели режисерот на претставата  Драгослав Тодоровиќ.

Директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска појаснува дека на фестивалските сцени и годинава пленат бројните музички и драмски претстави, изложби, но се води сметка и за најмладата публика.

-Годинава во рамките на драмската фестивалска програма ја донесовме куклената претстава „Тоби“ за нашата најмлада публика. Отворајќи ја сцената на „Охридско лето“ токму за нив,  ја всадуваме уметноста во длабочината на детската душа, како и почитта кон високите уметнички дострели, вели директорката на оваа национална установа, Вренцовска.

Заради големиот интерес за карти, куклената претстава „Тоби“ , наместо на малата, се одигра на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Галерија: