Велигденска честитка од министерот за здравство Венко Филипче
Министерот за здравство д-р Венко Филипче со честитка до граѓаните за најголемиот христијански празник Воскресение -Христово Велигден.
„Драги пријатели,
Ви го честитам најголемиот христијански празник, и ви посакувам многу, здравје, радост, успех и слога! Оваа година прославуваме различно, без големи собири и дружења. Но, празникот е време да се потсетиме кои работи се важни во животот и да се потсетиме на вистинските вредности. Една од најважните работи кои секогаш е дел од сите честитки, е доброто здравје. Иако редовно го посакуваме, често забораваме да го заштитиме или да се грижиме за него. Нека овој празник нѐ потсети колку е важно да се грижиме за нашето здравје, но и за здравјето на сите околу нас. Колку е важно да сме одговорни за себе, но и за другите. Колку е важно колективното наспроти индивидуалното. Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам за тоа што ги почитувате мерките и што секој придонесува да го заштитиме јавното здравје. Ви посакувам добро здравје и мир. Од вас барам само разбирање за сите ограничувања кои ги наметнавме, тие беа исклучиво во заштита на здравјето на сите. Нека ни е честит празникот.“- пишува Филипче.