26/11/2024
Македонија

Велики Вторник

На Велики Вторник се споменува Господовото изобличување на книжниците и фарисеите, Неговите беседи и параболи изречени во Ерусалимскиот Храм, за данокот на кесарот, воскресението на мртвите, за Страшниот Суд, десетте девојки и талантите, Божественото достоинство на Месијата како и за најголемата заповед на Законот.

На Утрената на овој ден се чита дел од Евангелието според Матеј, каде Господ не еднаш, ами седум пати ги разобличува книжниците и фарисеите, велејќи им „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери“. Истовремено, Тој ги разобличува и садукеите (кои не верувале во воскресeнието) и закониците. Ова разобличување го завршува со страшните зборови на осуда „Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот?“(Матеј 23,33)

На Велики Вторник Господ Христос ја изговорил и беседата на Маслиновата гора за Неговото Второ доаѓање и крајот на светот и векот. По пат, Тој на своите ученици им говорел за разурнувањето на Храмот, што всушност и се исполнило во 70-та година, кога Римјаните го завзеле Ерусалим и го разурнале. Нешто подоцна, (за време на владеењето на императорот Трајан) биле уништени сите негови траги. Иако војсководецот Тит се заложил храмот, како уметничко чудо да биде зачуван, Божјата волја се исполнила така што од жарче случајно оставено од некој римски војник, целиот Храм се запалил и изгорел.

Второто Христово Доаѓање е прикажано преку параболата за десетте девојки, и доаѓањето на Женикот во невестинскиот дом, при што мудрите (далекувидни) пет девојки се вистинските христијани, кои Го чекаат Христос, и имаат вера и љубов, но и добри дела, додека „лудите“ се оние христијани по име (номинални), кои немаат добри дела, и кои нема да учествуваат на свадбената гозба на Агнецот.

На Вечерната на овој ден за последен пат се извршува великопостното Големо повечерие.