Велковски: Обезбедуваме повеќе зеленило за чиста животна средина, 20 проценти од секоја градежна парцела
Прес конференција,
Диме Велковски, пратеник во Собрание на Република Македонија
Скопје, 17.01.2018
Почитувани граѓани,
Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ реализираше уште една мерка содржана во Планот за живот во Македонија и Програмата за работа на Владата.
Собранието на Република Македонија го донесе Законот на урбано зеленило преку којшто ќе се зголеми процентот на зелени површини во урбаните средини и ќе запре уништувањето на зеленилото.
На зеленилото во урбаните центри му беше потребна институционална заштита за што се наметна потребата од носење на закон за урбано зеленило, како посебен закон.
Со него ќе се воведе целосен систем на планирање, подигање, поддржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон.
А повеќе зеленило значи почиста средина и почист воздух, за сите!
Со Законот предвидуваме најмалку 20 проценти од секоја градежна парцела да бидат наменети за зелена површина, додека во веќе изградените парцели ќе се прави надоместување, односно компензација преку поставување на дрвореди и зеленило во жардинери и други начини и системи на озеленување.
Секоја општина ќе биде обврзана да изработи и таканаречен зелен катастар, односно да спроведе попис на целото зеленило на територијата на општината, по број, вид и состојба на зеленилото, при што за сите идни Генерални урбанистички планови утврден е стандардот од 25 квадратни метри зелена површина по жител.
Законот за урбано зеленило ги обврзува сите физички и правни лица кои имаат зелени површини редовно да го одржуваат зеленилото. Со ова, се заштитува и унапредува веќе постоечкото зеленило и се става крај на непланската сеча и уништување на зеленилото заради градби.
Почитувани,
Ова се само дел од мерките што обезбедуваат унапредување и заштита на урбаното зеленило. Како парламентарно мнозинство остануваме доследни во спроведувањето на мерките што обезбедуваат здрава и чиста животна средина и чист воздух за сите во Република Македонија.