Верниците се упатуваат кон манастирот Свети Стефан
По повод празникот Откривање и пренос на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан и манастирската слава на манастирот Свети Стефан – Охрид, вечерва во манастирската црква Свети Стефан, се служеше вечерна богослужба. На богослужбата присуствуваа верници кои палеа свеќи и се молеа за здравје, среќа и благосостојба.
Утре во истоимената црква ќе се служи утрена богослужба со света Златоустова литургија, во 7:30 часот. Се покануваат сите верници да дојдат на заедничка молитва.
Манастирот се наоѓа лево од патот што води од Охрид кон Свети Наум, во истоимената населба. Сместен е во ретко убав предел што овозможува убав поглед кон целото крајбрежје на езерото и градот Охрид. Манастирската црква е сместена во природна пештера која е проширена во нартексот, кон надвор, за да може да ги прими редовните посетители, што доаѓаат постојано во голем број.
Точни податоци, за тоа кога е изградена манастирската црква, не постојат. Се претпоставува дека потекнува од XIV век, период кога е во подем анахоретскиот живот на бреговите на Охридското Езеро. Во прилог на ова се и зачуваните фрагменти од стариот живопис.
Покрај манастирската црква изградени се конаци, во кои претстојуваат поклониците, што доаѓаат да се поклонат и да се помолат на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, патронот на овој манастир.
Нека е за многу години празникот!