23/11/2024
Охрид

Верниците се упатуваат кон пештерната црква „Св.Стефан“

По повод празникот „Откривање и пренос на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан“ и манастирската слава на манастирот „Свети Стефан“ – Охрид, вечерва во манастирската црква „Свети Стефан“, се служеше вечерна богослужба. На богослужбата присуствуваа верници од Охрид и околните места, кои палеа свеќи и се молеа за здравје, среќа и благосостојба.

Утре во истоимената црква ќе се служи утрена богослужба со света Златустова литургија, со почеток во 7:30 часот.

Инаку, Манастирот се наоѓа лево од патот што води од Охрид кон Свети Наум, во истоимената населба. Сместен е во ретко убав предел што овозможува убав поглед кон целото крајбрежје на езерото и градот Охрид. Манастирската црква е сместена во природна пештера која е проширена во нартексот, кон надвор, за да може да ги прими редовните посетители, што доаѓаат постојано во голем број.

Точни податоци, за тоа кога е изградена манастирската црква, не постојат. Се претпоставува дека потекнува од XIV век, период кога е во подем анахоретскиот живот на бреговите на Охридското Езеро. Во прилог на ова се и зачуваните фрагменти од стариот живопис.

Покрај манастирската црква изградени се конаци, во кои претстојуваат поклониците, што доаѓаат да се поклонат и да се помолат на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, патронот на овој манастир.

Нека е за многу години празникот!