23/11/2024
Македонија

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Филипче на Светскиот инвестициски форум во Женева

Владина делегација, предводена од вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, денес учествуваше на активности во рамките на Светскиот инвестициски форум, кој се одржува во Женева, во организација на Конференцијата на Обединетите Нации за трговија и развој (UNCTAD – United Nations Conference on Trade and Development).

Вицепремиерот Анѓушев беше дел од лидерскиот панел „Инвестициите во новата ера на глобализација“, на кој дискутираше со претседателот на Намибија, премиерите на Сиера Леоне и Камбоџа, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, како и со извршните директори на Светскиот економски форум (World Economic Forum) и на глобалната компанија Сименс.

Говорејќи на панелот, Анѓушев истакна дека во изминатиот период, преку разговори со стопанствениците е дојдено до заклучок дека за успех на бизнисот приоритет број еден е стабилност на земјата, како и владеење на правото, а дури на трето место стопанствениците ја поставуваат државната помош, односно субвенциите од државата.

„За обезбедување на стабилноста на земјата, како и високо ниво на владеење на правото, мала земја како Република Македонија, мора биде дел од поголем безбедносен систем. Тоа за нас значи да станеме дел од Европската Унија и НАТО. Изминатиот период Владата направи значителни чекори за да ги унапредиме односите со сите соседни држави, што е прв и многу значаен чекор кон интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО. Ние сме на вистинскиот пат и сигурен сум дека членството во овие организации ќе биде дополнителен стимул за инвеститорите да ја препознаат Македонија како атрактивна дестинација за нивните вложувања“, подвлече вицепремиерот.

Тој додаде дека за поттикнување на инвестициските активности во земјата Владата го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој претставува транспарентна програма за поддршка на стопанството, со јасни критериуми и услови, еднакви за сите инвеститори.

„Инвеститорите сега не мора да преговараат со членови на Владата или други лица за да добијат поддршка од државата. Доколку ги задоволуваат критериумите и условите пропишани во Законот, тие може да очекуваат поддршка од Владата за поврат на дел од направените инвестиции. Инвеститорите исто така имаат можност да ги реализираат своите проекти во технолошко индустриските развојни зони, каде што во првите десет години може да очекуваат ослободување од персоналниот данок и данокот на добивка, како и поддршка од Владата доколку се оствари соработка со домашните компании. Странските инвестиции се значајни, тие влијаат врз статистичките економски показатели, но доколку не соработваат со домашните компании, реалниот ефект е навистина мал“, дополни Анѓушев.

Индустријата, градежништото, трговијата и земјоделството се четирите области преку чиј развој, Владата ќе влијае на забрзан економски раст, повисоки стапки на БДП и подобар животен стандард на граѓаните. Владините економски политки даваат резултати, што се рефлектира преку рекордното ниво на странски директни инвестиции во првата половина од годината, раст на извозот, раст на индустриското поризводство, раст на просечните плати, како и растот на Бруто домашниот производ во вториот квартал на 2018 од 3,1%.

„Доколку сакаме побрз економски развој, со оглед на тоа дека Македонија е земја со ограничени природни ресурси, мора да се фокусираме на развој на индустријата. Поттикнуваме извозно ориентирана индустрија, компаниите да имаат пристап до висока технологија и примена на искуствата и знаењата од развените земји. Токму преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите им даваме поттик на домашните и странските компании во земјата тенолошки да се развиваат и да станат поконкурентни“, кажа Анѓушев.
 
Владата нема надлежност да се меша во приватните бизниси, нејзина задача е да го подобрува бизнис опкружувањето во земјата, а македонската Влада го прави токму тоа, нагласи Анѓушев и потенцираше дека во фокусот на Владата се реализација на капитални инфраструктурни проекти на пан европските коридори 8 и 10, со кои ќе се подобри безбедноста и брзината на превоз на стоки во регионот. Тој ги повика инвеститорите да ја посетат Македонија, да се уверат во добрите услови за водење бизнис во земјата и своите наредни инвестиции да ги реализираат токму во нашата земја.

Претходно вицепремиерот Анѓушев и министерот Филипче остварија средба со генералниот секретар на UNCTAD, д-р Мукиса Китуји и со г-ѓа Флорина Муџоне, Раководител на сектор за претриемнички политики во UNCTAD, со кои разговараа за можни модели за соработка за подобрување на вештините и поттикнувањето на младите претприемачи, користејќи ги светските искуства и најдобрите пракси. Вицепремиерот Анѓушев воедно ги презентираше владините економски политики и можностите за инвестирање во земјата, при што истакна дека Владата на Република Македонија е благодарна на поддршката од Организацијата на Обединети Нации, која преку своите агенции во изминатите години активно влијаеше за развојот на македонското општество.