Вицепремиерот Анѓушев на дебата за управување со јавни финансии
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, учествуваше на дебатата насловена „Економски разговори-Јавните финансии на крстопат“, организирана на Економскиот факултет во Скопје.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека станува збор за многу сериозна тема која ги засега сите граѓани на Република Македонија, односно за управување со буџетските средства кои се прибираат од даночните обврзници.
„Владата мора транспарентно и одговорно да се однесува кога станува збор за управување со народните пари, и тоа оваа Владата го покажа и докажа во изминатите 12 месеци. Воедно, управувањето со овие средства треба да биде во насока на реализација на капитални проекти, кои се за доброто на граѓаните и на економијата генерално. Не смееме да ја поддржиме тезата дека Владата не треба да потроши ниту еден денар, бидејќи на тој начин економските текови ќе застанат. Крајната цел е да се најде соодветен начин за доброто управување со јавните финансии и правилно алоцирање на средствата за реализација на капитални инвестиции кои носат бенефит за општеството“, нагласи Анѓушев.
Во своето обраќање за време на свеченото отворање на дебатата, Вицепремиерот посочи неколку елементи во кои гледа можност за подобрување кога станува збор за зголемување на буџетските средства, како и за начинот на кој тие средства се наменуваат во насока на поинтензивен економски развој.
„Една од забелешките во извештајот за напредокот на Република Македонија од Европската комисија се однесуваше за нивото на сивата економија во државата. Тоа е сегмент кој може многу да се подобри и на тој начин да се приберат повеќе средства во буџетот. Како пример би можеле да го земеме земјоделското производство, кое според официјалните податоци на годишно ниво изнесува околу 1 милијарда евра, од кои околу 300 милиони евра се наменети за извоз. Согласно направените првични анализи стотина милиони евра земјоделски производи се продаваат, а да за нив немаме никаков официјален траг, а тоа е дисторзија на економскиот систем“, рече Анѓушев.
Во насока на зголемување на приходната страна на буџетот, а притоа да не се наруши воспоставениот економски систем, односно да се подобрат условите за водење на бизнис, вицепремиерот нагласи дека е потребна сеопфатна анализа за трансфер на цени на компании кои работат во Република Македонија, а матичната компанија работи во друга земја, како и измена на Законот за минерални суровини, со кои би се предвиделе даночни зафаќања во услови на купопродажба, односно промена на сопственоста на значајни компании од оваа дејност.
Кога станува збор за расходната страна, односно управувањето и насочување на јавните финансии, вицепремиерот Анѓушев истакна дека буџетските средства и средствата од заеми мора да се насочат кон реализација на капитални проекти, од кои би имало повеќекратен бенефит.
„Единствен начин на насочувањето на јавните финансии е да ги насочиме во проекти кои носат долгорочна одржливост и кои овозможуваат одржлив поврат на инвестициите и кои се во интерес на граѓаните и на економијата на Република Македонија. Владата на Република Македонија работи одговорно и токму во таа насока сме посветени на реализација на проекти со кои ќе се мултиплицираат ефектите во економијата“, подвлече Анѓушев.
На денешната дебата учествуваа и министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, заменик министерот за економија д-р Кире Наумов, претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на економски факултет проф. д-р Љубомир Дракулевски како и други еминентни имиња од економска фела.