23/11/2024
Македонија

Вицепремиерот Анѓушев на енергетски форум во Берлин

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, во рамките на форумот „Берлински дијалог за енергетска транзиција“, вчера, во попладневните часови зборуваше на панелот „Возможна мисија – Предизвици и решенија за енергетска транзиција“, каде што ги посочи Владините стратегии во насока на се поголемо искористување на обновливите извори за производство на електрична енергија.

Вицепремиерот истакна дека Владата има јасна стратегија како да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, користејќи ги природните ресурси кои се на располагање, фокусирајќи се на сончевата енергија и енергијата од ветерот, со оглед на тоа дека хидро потенцијалот е ограничен во секоја земја. Тој додаде дека е добро запознаен со модерната технологија за производство на електрична енергија од обновливи извори, а со оглед на тоа дека таа во денешно време се набавува по релативно евтини цени, не ја гледа како проблем во процесот на зголемувањето на производството на електрична енергија.

„Проблемот не е во набавка на технологијата за обновливи извори, таа станува се поевтина, како прв позначаен предизвик е како да го зголемиме учеството на обновливи извори, а притоа тоа да не влијае на крајните корисници, во цената на струјата. Во светот постојат повеќе модели, за субвенционирање на изградба на фотоволтаици, едното е преку таканаречени фидин тарифи, но тоа влијае на цената на електричната енергија, која на крајот ја плаќаат граѓаните, а нормално е дека тие тоа не сакаат да го плаќаат. Вториот начин е да се поддржат инвеститори со буџетски средства, а верувам дека ќе се најдат многу инвеститори кои ќе градат доколку се сигурни дека ќе имаат поврат на инвестицијата. Владата на Република Северна Македонија пронајде начин, го сменивме моделот на поддршка, од фидин тарифи на премиум тарифи.

Владата бесплатно ќе обезбеди и ќе уреди градежно земјиште, ќе преговара во име на инвеститорите и ќе обезбеди приклучок на електро преносниот систем, ќе асистира во спроведувањето на административните процедури и ќе спроведе транспарентна и јасна постапка на јавна аукција на која заинтересираните инвеститори ќе може да аплицираат. Пазарот за електрична енергија денес е слободен, па инвеститорите освен што ќе може да ја продаваат електричната енергија на слободен пазар, ќе добиваат и премиум од државата. Токму премиумот ќе биде критериум во постапката и оние кои ќе понудат понизок премиум ќе добијат можност да градат фотоволтаични електрани. Започнуваме со јавен тендер за 62 мегавати инсталирана моќност, што можеби изгледа малку, но за мојата земја, кадешто моментално има само 18 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаици, ова е многу“, истакна Анѓушев.

Зголемувањето на производството на електрична енергија од обновливи извори отвора нови предизвици, кажа вицепремиерот и додаде дека предизвиците може да се надминат доколку земјите во регионот работат на создавање на заеднички енергетски пазар и се инвестира во квалитетна инфраструктура за енергетско поврзување.

„Онака како што се зголемуваат капацитетите за обновлива енергија, треба да се размислува за стабилноста на електроенергетскиот систем, затоа што обновливата енергија лесно може да се предвиди со денешните модели за прогнозирање на временските услови, но за жал не може да се контролира. На Балканот имаме многу мали земји,  во таков случај, нам ни е потребен втор пристап, тоа значи, регионален пристап, балансирачки механизам за да се одржува стабилноста на системот. Ова е мошне важно и во таа насока, многу размислуваме и комуницираме на регионално ниво за тоа како да организираме заеднички пазар за електрична енергија, каде ќе имаме заедничка берза за електрична енергија со цел да ги избегнеме проблемите што би ги имале во врска со стабилноста, кои би можеле да ги имаме како поединечни држави. Од таа гледна точка, размислуваме за спојување на пазарите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, во прва фаза, потоа со Грција, а се надевам во иднина со Србија и Црна Гора.

Сметам дека ова е навистина важно, затоа што ако не водиме сметка за стабилноста на системот и за второстепената регулација на последиците од обновливата енергија, нивниот развој нема да биде возможен. И секако, треба да размислуваме за цврста инфраструктура за пренос на електричната енергија до крајните корисници“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.