Вицепремиерот Анѓушев за енергетските реформи во земјата – Република Северна Македонија квантен скок
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, присуствуваше на свеченоста на која беше одбележана 97-мата годишнина на Стопанската комора на Македонија, најдолговечната комора во земјата.
Вицепремиерот Анѓушев, во име на Владата, но и како долгогодишен потпретседател на Комората, го честиташе овој значен јубилеј и истакна дека оваа организација е исклучително важна за развојот на економијата во земјата.
„Стопанската комора на Македонија е една од организациите која е најдолговечна во земјата и ретко која организација може да се пофали со 97 годишно постоење. Комората ја препознавам како место каде што се развива македонската економија, во соработка со другите комори, со најголем број на членки кои во голема мера го создаваат бруто домашниот производ на Република Северна Македонија“, истакна вицепремиерот Анѓушев на свеченоста.
Вицепремиерот Анѓушев и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, за време на свеченоста доделија специјални признанија на странски амбасади, компании, невладини организации и асоцијации во десет категории, за поддршка на економскиот развој на земјата. Помеѓу другото Вицепремиерот учествуваше во доделување на специјални признанија за развој на дуалниот модел на образование, поттикнување на извозни активности на македонски производи, за спроведување на едукативни активности, соработка при реализација на заеднички проекти, како и за унапредување на регионалната економска соработка.