Вицепремиерот Битиќи на презентација на извештајот за ИКТ индустријата
Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес на покана на комората за информатичко-комуникациски технологии МАСИТ, имаше воведно обраќање на настанот за Презентација на извештајот на ИКТ индустријата, кој се одржа преку видео-конференциска врска. Покрај Вицепремиерот, свое воведно обраќање имаа и амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-а Сибил Зутер и претседателката на управниот одбор на МАСИТ, Анета Антова Пешева.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека здравствената и социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид-19, го покажа значењето на ИКТ секторот, за економскиот развој и колку дигитализацијата како процес во сите сектори е важна.
„Кризата не принуди да направиме чекор напред во дигитализацијата на сите процеси, а претходно голем број од компаниите велеа дека не се подготвени за вакви промени. Од една страна, за економијата е навистина тешко што сме во ваков период, а од друга страна ме радува тоа што стануваме се повеќе свесни за значењето на дигитализацијата, за унапредување на прозводните процеси и креирање на услуги кои побрзо стигнуваат до оние на кои им се потребни. Ова е добар момент да го фатиме убрзано чекорот со светските трендови и развиените западни економии“, нагласи вицепремиерот.
Во своето воведно излагање, Битиќи подвлече три клучни приоритети за Владата на Република Северна Македонија.
„Прво е тоа дека од првите денови укажавме и ќе укажеме дека сакаме да креираме предвидлива и одржлива економија, затоа што сметаме дека тоа е прв приоритет на новиот владин состав и сакаме да овозможиме, не само во ИТ секторот, туку и во другите сектори да има предвидливи можности од аспект на сите можни импликации, дали зборуваме за даночни или за царински политики, дали зборуваме за макроекономски проекции, сакаме да направиме една атмосфера во којашто секој еден поединец во бизнис еко-системот ќе знае што да очекува во наредниот период. Вториот приоритет ни е да имаме успешна координација и комуникација со сите чинители во економското живеење. Ние пред одредено време како Влада прифативме една иницијатива од стопанските комори за формирање на Платформата за јавен приватен дијалог. Денеска можам да соопштам дека од моето доаѓање веќе преземав иницијатива да таа платформа не само постои на хартија туку да биде главниот механизам низ кој ќе се одвива целата комуникација, целата координација и креирање на политики за бизнис секторот. Затоа еднаш месечно, на фиксен ден, во фиксно време на највисоко ниво ќе се гледаме за да ја дефинираме заедничката агенда и за активностите што сакаме да ги поставиме на маса и да наоѓаме решенија. Што се однесува конкретно за ИТ индустријата и колку таа ни е важна, знаете дека можеби како ниедна Влада до сега имаме целосен фокус во нашата владина програма, во којашто на ИТ индустријата и даваме едно многу битно место, затоа што сметаме дека преку ИТ индустријализацијата и дигитализацијата нашате економија ќе се трансформира во една нова развојна економија и ќе фати чекор со другите развојни економии“, нагласи вицепремиерот.
Битиќи се осврна и на конкретни мерки од Владината програма за четиригодишниотмандат, кои треба да ја раздвижат ИКТ индустријата и да овозможат забрзана дигитализација на компаниите е одржлив економски развој.
„Реков дека сакаме да креираме предливливо даночно опкружување и затоа мислиме данокот на добивка да остана на 10% во овој мандат, но што се однесува на стимулација на вклученост на луѓето во ИТ индустријата веќе од 2021 очекуваме персоналниот данок на доход да го намалуваме постепено, за до 2023 да дојдеме до целосно укинување на личниот данок на доход, т.е. од сегашните 10% во 2023 да биде на 0%. Тоа е еден модел којшто го добивме како предлог од МАСИТ и мислам дека можеби од фискален аспект изгледа тешко да се направи, затоа што ние секогаш гледаме што добиваме, но мислам дека аргументите што ни ги дадоа во МАСИТ беа доста убедливи и ги прифативме. Сметаме дека тоа навистина ќе биде доволен поттик за задржување на професионалците во ИТ индустријата и ќе влијае позитивно на развојот на ИТ индустријата. Планираме и други мерки, како што се ослободување од данок за преквалификација, обука, дообучување во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата и слично. Дури во најмали детали имаме влезено за да овозможиме навистина и да искреираме една поповолно и предвидливо деловно опкружување“, заврши вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во своето воведно обраќање на настанот на кој беше презентиран Извештајот за ИКТ индустријата во Северна Македонија.