Вицепремиерот Османи му го предаде на евроамбасадорот Жбогар деталниот фактографски извештај за реализацијата на Планот 3-6-9
Заменик Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во пресрет на утрешното излегување на Извештајот за состојбите и напредокот на Република Македонија, му го предаде на Евроамбасадорот Самуел Жбогар, финалниот фактографски извештај за реализација и имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9.
„Реализиравме преку 90% од предвидените реформи во Планот 3-6-9 и 100% од неговата суштина. Планот ја постигна неговата цел и ја врати земјата на евроатланскиот пат“, истакна Османи при предавањето на извештајот на Евроамбасадорот Жбогар. Тој додаде дека согласно испорачаните резултати, очекува убави вести утре од Брисел за Македонија, при претставувањето на Извештајот на Европската Комисија за земјава.
Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, чија цел беше одмрзнување на реформскиот процес во Република Македонија и враќање на државата на евроатланскиот пат. Делот три беше финализиран со одржувањето на фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, додека делот шест заврши со излегувањето на Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан 2025.
Периодот за имплементација на делот девет, т.е. на целиот План 3-6-9 истекува утре, 17 април, со објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјава. За таа цел, вечерва точно на полноќ, деталниот Фактографски извештај за имплементацијата на Планот 3-6-9 ќе биде објавен на веб страната на Секретаријатот за европски прашања www.sep.gov.mk.