Видео: Пајак-волк на Галичица
Некои се плашат од пајаци, а некои ги чуваат како миленичиња во своите терариуми, особено големи пајаци како што е овој пајак-волк кој нашата камера успеа да го сними во националниот парк Галичица.
Пајакот-волк или на англиски Wolf spider му припаѓа на семејството Lycosidae. Карактеристично за овие пајаци е тоа што живеат сами, најчесто во дупки, каде што ловат, па оттаму доаѓа префиксот волк.
Не плетат мрежа како другите пајаци. Големината на нивното тело најчесто е од 1 до 3,5 сантиметри, а може да достигнат и големина до 5 сантиметри.
Тие имаат одличен вид, 8 очи, поделени во три редови: 4 малечки очи кои гледаат надолу, 2 големи очи кои гледаат напред и 2 големи очи кои гледаат странично и нагоре.
Исто така, тие имаат способност да се камуфлираат во зависност од околината каде се наоѓаат, па според тоа нивната боја може да биде потемна или посветла, со повеќе нијанси од жолта, портокалова, сива, кафеава и црна боја.
Овие пајаци се распространети ширум целиот свет, има околу 124 родови со околу 3 илјади видови кои се разликуваат помеѓу себе. Најчесто живеат во полиња, градини и шуми каде има многу инсекти, но често може да се сретнат и во населени места, околу куќите.
И покрај тоа што спаѓаат во групата на отровни пајаци, нивното каснување може да биде доста болно, но не и фатално за луѓето. Најчесто тие бегаат од луѓе и животни.
WebOhrid