(Видео) Запленета дрога вредна околу шест милиони евра од правни субјекти во кавадаречко и битолско
На 14.04.2023 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога, во две координирани акции заедно со полициски службеници од СВР Велес – ОВР Кавадарци и ОВР Неготино, како и со СВР Битола запленија голема количина на марихуана од две фабрики за производство на канабис за медицински цели.
Имено, по претходно преземени мерки и активности и обезбедени докази дека правните лица постапувале спротивно на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, односно во правните субјекти одгледувале растенија канабис спротивно на законот, со цел понатамошна продажба на дрогата, биле обезбедени наредби за претрес од Основен суд Кавадарци и Основен суд Битола.
По претходно извршени контроли на полициски службеници заедно со претставници од Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели од правен субјект во кавадаречко, била одземена марихуана во вкупна количина од 1 тон, 570 килограми и 135 грама, и тоа како финално обработен и необработен сув цвет од канабис, биомаса од канабис, суви листови и суви гранки од канабис.
При контролата биле констатирани неправилности при работењето, односно во сеф собата бил пронајден сув цвет од канабис кој не бил означен и спакуван согласно законските прописи, а во останатите простории била пронајдена непријавена сува маса од канабис за кое правното лице не доставило известување до Комисијата при Министерство за здравство.
Воедно, не била пријавена ни количината на финален сув производ, а во целиот процес на одгледување се постапувало незаконски, бидејќи иако имале законска обврска да ја известат Комисијата, тоа не го правеле за да можат произведената дрога марихуана да ја пуштат во продажба на црниот пазар, чија вредност изнесува околу 6 милиони евра и на тој начин да се стекнат со противправна имотна корист, соопшти од МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Исто така, од правно лице со седиште во битолско, биле одземени 300 килограми марихуана и 494 растенија канабис. Министерството за внатрешни работи поднесе две кривични пријави против сопствениците на правните субјекти, за кои е утврдено дека се државјани на Р.Албанија, и тоа од СВР Битола по член 215 од Кривичниот законик и член 95 В од Законот за контрола на опојни дроги, како и од страна на ОВР Кавадарци поднесена е кривична пријава по член 95 В. Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавен обвинител, презема понатамошни мерки и активности за утврдување на одговорност и на останати лица инволвирани во незаконска трговија со дрога.