Викендов во Охрид ќе се одржи ревијален ватерполо турнир
Овој викенд, сабота и недела, 8-ми и 9-ти септември на Градското пристаниште во Охрид ќе се одржи ревијален ватерполо турнир.
Учество ќе земат ветераните на ватерполо клубовите „АПК Студент“ и „Вардар“ од Скопје, „Челични“ од Штип, „Струга“ од Струга и домаќинот „Охридски бранови“ од Охрид.
-Во чест на Денот на независноста на Република Македонија, ватерполо ветераните уште еднаш ќе се обидат да ја вратат традицијата на квалитетен ватерполо во водите на Охридското Езеро и ќе одиграат ревијален ватерполо турнир со хуманитарен карактер.
Да ги разбрануваме сите заедно спомените, да се вратиме заедно во времето кога Охрид значеше многу во ватерполото, кога овој прекрасен спорт беше еден од првите избори на младите охриѓани. Да се надеваме дека за брзо повторно ќе имаме можност да уживаме во овој прекрасен спорт, кој со изградбата на затворениот базен ќе може да се практикува во текот на целата година- беше речено на денешната прес конференција .
Натпреварите ќе се играат од 16:00 часот во сабота и од 12:00 часот во недела.
Овој спортски настан, кој е во организација на Одделението за спорт при општина Охрид, Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ и охридскиот Црвен крст, ќе има и хуманитарен карактер. Посетители ќе можат да донираат во собирните каси на Црвен крст , поставени на Градското пристаниште, а собраните средства ќе бидат наменети за ранливите категории на граѓани од Охрид и Дебрца.