22/11/2024
Македонија

Винил Хлорид Мономерот безбедно пристигна во Германија

Министерството за животна средина и просторно планирање, фирмата Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје и Државниот инспекторат за животна средина ја информираат јавноста дека цистерната под притисок со Винил Хлорид Мономер безбедно пристигна во Германија и се чека согорување на оваа опасна материја. Имено, согласно известувањето добиено од фирмата Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје и Државниот инспекторат за животна средина кој го надгледуваше целиот процес, постапката за извоз и безбедно транспортирање на Винил Хлорид Мономер (“ВЦМ”) од локации и производни погони во кругот на АД “ОХИС” Скопје,  комплетно е завршена.

На ден 29.09.2020 година, согласно законските прописи за транспорт на ваков вид на опасен отпад, однапред беше испратена најава дека ќе се врши извозот и беа известени надлежните институции и гранични премини на Северна Македонија, транзитните држави (Србија, Хрватска, Словенија и Австрија), како и земјата увозник – Германија.

На ден 02.10.2020 година во присуство на претставници од Државниот инспекторат за животна средина, безбедно со помош на соодветна дигалка се изврши утовар на цистерната во која беше преточен Винил Хлорид Мономер (“ВЦМ”) на транспортно возило сопственост на транспортерот ДЕНИС Гал – Бугарија, која ги поседува сите лиценци за меѓународен транспорт за ваков вид на опасен отпад. Во истиот ден започна и се заврши царинската извозна постапка и веќе околу 17часот транспортното возило товарено со цистерната со Винил Хлорид Мономер ја напушти територијата на С. Македонија.

Транспортот се одвиваше без никакви проблеми и на ден 06.10.2020 година транспортното возило со цистерната со Винил Хлорид Мономер (“ВЦМ”) пристигна на терминал во Германија каде се заврши царинската постапка, за потоа да се упати кон согорувачот SUEZ Sonderabfallgesellschaft mbh во Schkopau Germany. Истиот ден се изврши прием и цистерната е безбедно истоварена кај согорувачот. Согласно распоредот на согорувачот во идниот период очекуваме повратна информација кога Винил Хлорид Мономер (“ВЦМ”) ќе биде уништен.

Активноста  е дел од проектот за Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД “ОХИС” Скопје”.