Виртуозниот руски пијанист Колоденко со соло настап на „Охридско лето“
Дела од Фредерик Шопен и Сергеј Прокофјев ќе бидат на вечерашниот репертоар на концеротот што во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе го одржи младиот руски пијанист Вадим Колоденко.
Колоденко има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти. Како добитник на Златниот медал на Интернационалниот пијано натпревар „Ван Клибурн“ во 2013 година, Колоденко започнува да гради интернационална кариера во Европа, Азија и Северна Америка. Низ годините Колоденко соработувал со голем број истакнати диригенти, оркестри и изведувачи, меѓу кои и нам добро познатите: Вадим Репин, Алена Баева и Александар Бузлов.
Во соработка со издавачката куќа „Хармонија Мунди“ Вадим Колоденко има издадено повеќе компакт дискови. Еден од најзначајните е компакт-дискот со Оркестарот на Норвешкото радио издаден во август 2015 година, кој е награден со познатата „Editor’s Choice“ награда. На компакт-дискот се наоѓа Концерт за пијано од норвешкиот композитор Едвард Григ и Концертот за пијано бр. 2 од францускиот композитор Камиј Сен-Санс.
Концертот на фестивалот „Охридско лето“ ќе се се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.