Владина делегација на комеморативната седница во Општина Врапчиште за загинатите од вчерашната сообраќајна несреќа
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ја предводеше владината делегација и заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска присуствуваа на Комеморативна седница во Општина Врапчиште. Седницата се одржа за загинатите во вчерашната сообраќајна несреќа, што се случи во близина на село Ласкарци, на автопатот Скопје-Тетово.
„Примете искрено сочувство за загинатите од име на Владата и од мое лично име. Нека почиваат во мир. Длабоко сочувствуваме со вашата болка и голема загуба. Земјата е во тага, ова е голема трагедија за целата наша држава. Ќе направиме се што e можно, да ги поддржиме сите семејства на загинатите сограѓани. Грижата нема да ги замени тагата и болката, но поддршката е потребна за да продолжите понатаму. Тоа е почит кон починатите и наша заложба да ви помогнеме вам, нивните семејства“, им порача Николовски на семејствата на загинатите.
Во тешката и трагична сообраќајна несреќа што се случи вчера на автопатот Скопје-Тетово загинаа 14 лица, а седум од повредените се во тешка состојба.
„Посакуваме брзо опоравување на повредените. Нашите мисли се со нив. Се надевам дека што поскоро ќе се вратат кај своите семејства“, додаде Николовски.
Двајца од починатите и тројца од повредените во сообраќајната несреќа се од Општина Врапчиште.
“Со жалост ја примив веста за трагичниот настан што се случи вчера. Дел од патниците се и граѓани од нашата општина. На повредените им посакувам здравје, а на фамилиите на загинатите им пренесувам сочувство од мое име, од име општинската администрација, од Советот и сите граѓани на Општина Врапчиште“, порача градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани.