24/11/2024
Македонија

Влада: Достоинствени плати и подобар стандард, во услови на криза просечната нето плата се зголемува

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври 2020 година изнесува 27.899 денари и е повисока за 8,4% во однос на истиот месец лани, поточно за 2.173 денари. Дополнително, споредено со месец септември истата е повисока за 1,8%, или за 494 денари, објави денеска Државниот завод за статистика.

Владата на Република Северна Македонија продолжува со заложбите за економска стабилност и во услови на пандемија, со мерки за ублажување на ефектите од пандемијата и планирања за економски раст на среден и долг рок.  Целта е  креирање на предвидлив деловен амбиент, стабилен раст, достоинствени плати, нови работни места и намалување на невработеноста.

Во консултација со сите релевантни чинители во општеството, синдикати, комори, организации на работодавачи, креираме амбиент за раст на просечната и на минимална плата во следните четири години. Владата е посветена на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20% до 30% односно до 34 илјади денари во следните четири години со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата.

Согласно Државниот завод за статистика, зголемувањето на просечната нето плата, се должи, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите здравствената и социјалната заштита, потоа уметност, забава и рекреација и преработувачка индустрија.

Согласно податоците на ДЗС, просечната бруто-плата, е за 9% повисока од октомври минатата година, а за 2% повисока од септември годинава. Просечната бруто плата изнесува 40.344 денари.