Влада на РМ: Ги повикуваме граѓанските организации да ги мониторираат јавните набавки, не отстапуваме од принципите на отчетност и транспарентност
Владата на Република Македонија не отстапувајќи од принципите на транспарентност, отчетност, прави уште еден чекор и создава можност за вклучување на граѓанскиот сектор во мониторирање на процедурите за јавни набавки со цел истите да бидат целосно заштитени од можности за злоупотреби.
На денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија, министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, министерот за здравство Венко Филипче, заедно со директорите на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата на РМ и Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), Пеце Мирчески и Драган Миновски ги повикаа граѓанските организации да се вклучат во мониторингот на јавните набавки.
„Во оваа една година на оваа Влада, за разлика од огромната нетранспарентност и злоупотреби на претходната власт во оваа сфера, со концептот „Отворена Влада“ – се отворивме целосно кон граѓаните, имаме политика на максимална транспарентност и отчетност, ги објавуваме сите документи на интернет за да се отстранат било какви сомнежи како се спроведуваат постапкитеи процедурите“, подвлече министерот Поповски, кој истакна дека борбата против корупцијата е врвен приоритет на Владата, не само за напредокот во евроинтеграциите, туку и воопшто за унапредување на одговорното и демократско владеење и подигнување на квалитетот на животот во земјата за сите граѓани.
Министерот Поповски, истакна дека целта на Владата е процедурите за јавни набавки да бидат целосно заштитени од можностите од злоупотреби и со јавна контрола да се заштитат парите на граѓаните, објаснувајќи дека граѓанските организации ќе имаат можност да се вклучат во процесот од самиот почеток и во сите фази на одлучување и спроведување на постапката за јавна набавка до склучување на договорот со избраните понудувачи.
„Затоа денеска од овде, апелирам до сите граѓански организации во Република Македонија, да ја поддржат оваа наша заедничка акција. Да се вклучат, со нивните капацитети за да добиеме поуспешен и посеопфатен процес. Нема поважно нешто од правилното искористување на Буџетот и парите на граѓаните, доколку сакаме Македонија да се развива и да оди напред. Нашите вредни граѓани го заслужуваат тоа, и ништо помалку!“, рече Поповски додавајќи дека трите институции, Министерството за здравство, СОЗР и ЕЛЕМ, веќе имале контакти со граѓански организации.
Поповски посебно подвлече дека целта на Владата на РМ е овој процес да ги опфати и сите други институции, за кои граѓанскиот сектор кој има познавања и експертиза за оваа област ќе покаже интерес.
Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека во насока на рационалност, ефикасност и транспарентност во спроведувањето на јавните набавки и ова Министерство ги отвора вратите на граѓанските и невладините организации за целосен увид во тендерските постапки. Тој информираше дека во следниот период ќе следува соработка со стручни лица од граѓанскиот сектор, кои ќе извршат анализа на ризиците од корупција во јавните набавки во Министерството.
„Со увид на ризик-факторите при процесот на јавните набавки, ќе се намали и ризикот од судир на интереси. Целта е навремено согледување на ризиците и судирот на интереси во насока на спречување на непотизам и блиски релации со компании и пријатели“, подвлече министерот Филипче, додавајќи дека се прават анализи за промени во постапките, проценка на потребните количини на лекови за да се намали потребата од интервентен увоз, како и за начини на штедење на неколку милиони евра на граѓаните и создавање подобри услови за пациентите со систем на централна набавка на реагенси.
Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, посочи дека како најголема компанија во државна сопственост и еден од најзначајните столбови во економијата, фирмата е должна да биде отчетна и транспарентна во поглед на трошењето за потребите на компанијата и за производствениот процес на електрична енергија, што се поклопува со владините политики на максимална отвореност за информации во врска со тендерските постапки и набавките кон невладините организации, медиумите, но и кон сите што би побарале увид по кој било основ.
Миновски информираше дека со група невладини организации што ги следат јавните набавки имале состанок на кој е изразена подготвеност за максимална отвореност. Истовремено, тој оцени дека во процесот е потребно партнерство, доверливост и не изнесување на податоците на трети страни до крајот на постапката, со цел да не се наштети на конкурентноста во неа.
„Нашата основна цел е да имаме фер, чесен и конкурентен процес на јавни набавки, преку кој би обезбедиле што поквалитетна услуга или производи потребни за нашето функционирање и нашиот производствен процес, за што поповолна цена и услови“, потенцираше Миновски.
„Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија е силно посветена да постави стандарди за отвореност, транспарентност и отчетност во нејзиното работење. Како во изминатата година, така и во иднина, сите јавни набавки кои ги прави службата ќе се реализираат со строго почитување на законските процедури, водени од начелата на транспарентност и отчетност. Со тоа ја елиминираме можноста за мито и корупција, како и за местење на тендери, што било одлика во некое претходно време, рече директорот на СОЗР Пеце Мирчевски.
Нагласувајќи дека во иднина во постапките нема да има практики на провизии и приоритетни добавувачи, Мирчевски рече:
„За да докажеме дека овие наши заложби се искрени, за прв пат ги отвораме вратите и ги покануваме граѓаните, преку граѓанските организации, да вршат мониторинг на сите јавни набавки кои ги спроведува Службата за општи и заеднички работи. Само така граѓаните ќе можат да се уверат дека работиме одговорно и посветено, штитејќи го јавниот интерес и парите на граѓаните“.