22/11/2024
Македонија

Влада: Расте просечната нето плата, создаваме услови

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во ноември 2020 година изнесува 27.588 денари и е повисока за 7% во однос на истиот месец во 2019 година, поточно за 1.801 денари.

Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во ноември 2020 во споредба со истиот месец 2019 година регистрирано е зголемување на нето платата по вработен во секторите: земјоделство, шумарство и рибарство (8,5%), во преработувачката индустрија (7,3%), снабдување со електрична енергија, гас, пареа, климатизација (4,9%), информации и комуникации (9,4%), финансиски дејности и дејности на осигурување (2%), како и во останати бројни дејности.

Дополнително, ваквото зголемување во најголем дел се должи и на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: уметност, забава и рекреација (11,2%), дејности на здравствена и социјална заштита (11,2%) и образование (9,5%). Највисоки нето-плати се регистрирани во секторите информации и комуникации, како и финансиски дејности и дејности на осигурување.

Владата во консултација со сите релевантни чинители во општеството, синдикати, комори, организации на работодавачи, креира амбиент за раст на просечната и на минимална плата во следните четири години.

Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20% до 30% односно до 34 илјади денари во следните четири години со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата.