Влада: Ветото на Република Бугарија е неодговорна геостратешка грешка – македонската иднина е европска
Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји-членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија.
Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори.
Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина.
За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка.
Во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји-членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни.
Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија.
Владата на Северна Македонија нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот.
Владата останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Наша обврска е да ги изградиме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Македонската иднина е европска.